Сите масти не се штетни. Омега 3 масните киселини се „добри“ масти. Помагаат во намалувањето на ризикот од појава на срцеви заболувања, депресија, деменција и артритис. Вашето тело може да ги создаде. Можете да ги внесете преку исхраната или да земате суплементи.
На сите ни е познато дека зголеменото ниво на „лош“ (LDL) холестерол и високиот холестерол е закана за здравјето на срцето. Но, кога станува збор за здраво срце, не смеат да се заборават и триглицеридите, бидејќи се важен показател за здравствената состојба на овој витален орган. Триглицеридите се масти, неопходни за одржување на човечкиот живот, кои ги има во храната која секојдневно ја консумираме. Кога јадеме, вишокот калории кои телото не ги користи веднаш, ги претвора во триглицериди. Триглицеридите се складираат во масните клетки во телото, во случај да му бидат потребни подоцна, при дефицит на храна.
Колку и да се корисни триглицеридите за нашето тело, високата вредност може да го влоши здравјето, затоа што може да доведе до атеросклероза која го зголемува ризикот од срцев удар, мозочен удар и кардиоваскуларни заболувања.
ШТО ГО ПРЕДИЗВИКУВА ВИСОКОТО НИВО НА ТРИГЛИЦЕРИДИ ВО КРВТА?Нивото на триглицериди зависи пред сè од начинот на живот, исхраната и внесените калории. Постојат одредени фактори кои ја зголемуваат веројатноста за растење на вредноста на триглицериди во крвта. Еве кои се тие:
- Дебелината, особено во пределот на стомакот;
- Хипотироидизам – намалена функција на штитната жлезда;
- Често внесување повеќе калории отколку што се трошат;
- Прекумерно консумирање алкохол;
- Болести на бубрезите и џигерот;
- Неконтролиран дијабетес;
- Возраста. Со напредувањето на годините, бавно се зголемува нивото на триглицериди;
- Физичка неактивност.
Во ретки случаи оваа состојба може да биде наследна.