Што е глутенот и дали неговиот секојдневен внес со исхраната, може да е причина за твоите здравствени проблеми?
Дали безглутенската исхрана е помодарство или потреба?
Одвои време за подобро да се информираш и одлучи сам!
Глутенот е белковина која природно ја има во житарките како пченица, спелт, јачмен, рж и камут. Неговото присаство во брашното од овие житарки, е одговорно за лепливоста на тестото, и за воздушестата и леплива текстура на лебот.
Загрижувачки се податоците дека во последните 50 години, значително е зголемена појавата на целијакија и на интолеранција на глутен кај луѓето.
Некои студии укажуваат дека и до 30% од човештвото денес страда од прекумерна сензитивност или неподносливост на глутенот, и токму тоа може да е скриената причина за појавата на многуте непријатни симптоми и болести.
Денес има се повеќе докази дека глутенот придонесува за појавата на пропустливи црева, автоимуни болести, како и хронично и системско воспаление во телото.
Се претпоставува дека повеќето луѓе иако секојдневно патат од негативното дејство на глутенот во нивното тело, никогаш не се дијагностицирани и без да знаат продолжуваат секојдневно да внесуваат во своето тело нешто што ги прави болни…
Дали можеби и ти си еден од нив?
Најчести симптоми на неподносливост на глутен се:
- Надуеност и создавање на гасови после оброкот
- Чувство на целосна изнемоштеност или безволност после јадењето, но и во тек на денот
- Чести проблеми со столицата, непријатен мирис и посветла боја
- Нередовна столица, симптомите варираат од дијареа до констипација
- Појава на болка во стомакот непосредно по јадењето
- Главоболка, која со продлабочување на проблемот може да се претвори и во мигрена
- Симптоми на депресија
- Проблеми со кожата, како псоријаза, хронично црвенило итн
- Анксиозност
- Железо дефицитарна анемија
- Необјаснето губење на телесната тежина или неможност да се покачи тежината
- Појава на автоимуни болести особено проблеми со тироидната жлезда
- Намалена концентрација и фокус, таканаречен “brain fog”
Иако денес постојат повеќе тестови со кои се проверува сензитивноста кон глутенот, сепак за најверодостоен и најлесен начин се смета елиминациската диета.
Ако се сомневаш дека глутенот можеби и тебе ти создава здравствени проблеми, се советува да го исклучиш целосно од својата исхрана во времетраење од еден месец. И потоа повторно да го вклучиш во исхраната. Твоето тело само ќе ти го даде одговорот, ако се чувствуваш многу подобро без него отколку со него одговорот е јасен!
И не се плаши дека ќе останеш гладен, зашто голем е изборот на безглутенски житарки како оризот, пченката, просото, хелјдата, или обиди се во својата исхрана да вклучиш и нешто ново, како киноа или амарант!
Безглутенската исхрана може да биде дури и поразновидна и поздрава отколку секојдневно да се јаде само леб! Изборт на нови и здрави рецепти е бесконечен!