Акните се здравствен проблем број еден кај тинејџерите. Скоро половина од тинејџерите имаат сериозен проблем со акните. Но акните, освен кај тинејџерите можат да бидат проблем и кај другите старосни групи. Некои луѓе цел живот имаат проблем со акните и пробуваат на секој начин да се справат со нив, додека пак кај некои луѓе никогаш не се појавуваат. Тие не се некој здравствен проблем, меѓутоа се голем естетски проблем кој ја уништува самодовербата кај тинејџерите.
Денеска ќе ви презентираме еден народен рецепт против акни, односно изработка на маска од квасец. Но пред да ви го презентираме рецептот, ќе ви дадеме неколку совети на што треба да внимавате за да го намалите проблемот со акните.
- Пред се, внимавајте да не внесувате маснотии, премногу мрсни јадења, мајонез и сл. Сите овие продукти допринесуваат за појава на акни.
- Редовно внесувајте многу овошје, не испуштајте ниту еден ден без овошје, кое освен за здравјето на целото тело ќе допринесе и за намалување на акните.
- Третирајте ја кожата со лосион кој е дерматолошки одобрен, никако со лосион на база на алкохол. Алкохолот ја суши кожата и може да направи повеќе штета отколку корист.
- Не допирајте ја осетливата кожа со немиени раце.
- Не стискајте ги акните. Ова е најпрактикувано решение кај тинејџерите, но не е оправдано. Стискањето може да предизвика инфекции како и да остави лузни кои ќе бидат траен естетски проблем.
- Најмалку трипати дневно мијте го и чистете го лицето.
Најпрво започнете да ги практикувате овие совети редовно, а потоа пробајте го нашиот народен рецепт кој според луѓето е многу ефикасен природен лек за борба против акните.
Потребни состојки :
- 1 супена лажица сув квасец
- 1 супена лажица врела вода
- 1 мала лажичка мед
- 1 мала лажичка желатин во прав
Подготовка
Една супена лажица квасец, полијте ја со една супена лажица врела вода. Оставете да отстои пет минути за да се олади целосно. Веднаш потоа додадете ја лажичката мед и лажичката желатин во прав. Сето ова добро промешајте и веднаш нанесете ја смесата на лице. Немојте да чекате бидејќи маската поради желатинот за многу кратко време ќе се стегне.
Маската нека стои 30 минути на вашето лице, а веднаш потоа направете благ пилинг и измијте го лицето со млака вода. Лицето исушете го со благо тапкање со чиста крпа, а потоа нанесете ја кремата која си ја нанесувате редовно.