Најдобрите методи за трајно отстранување на целулитот

Целулитот е состојба која можe да се најде во 90 % од женската популација. Претставува депозиција на сало под кожата на бутовите, стомакот и колковите и така кожата добива изглед на кора од портокал. Хормоните како што е женскиот хормон естроген има доминантна улога во развојот на целулитот. Исто така и стрес хормоните заедно со наследните особини можат да допринесат за развивање на целулитот.

Има безброј третмани кои се рекламираат и ви кажуваат како да се ослободите од него но научниот доказ од нив сеуште е тема на расправа зошто кај некои тоа што е успешно не е случај со другите. Најдобри резултати се гледаат кога медицинските третмани на целулитот се надополнети со промена на животниот стил.

Бидејќи целулитот е депозиција на сало како прв чекор кој треба да го започнете е да се ослободите од салото со слабеење. Иако ова нема во целост да ја поправи состојбата, претставува добра почетна точка.

Најефективно би било ако го сконцентрирате вежбањето на региите каде што е целулитот. Вежбањето ќе го намали и нивото на стрес, што значи ќе се намалат и факторите кои придонесуваат за развој на целулит. Битно е и постојано да сте добро хидрирани додека вежбате. Ако не сте задоволни од резултатите од овој тип на вежби тогаш има и други начини за да се ослободите од целулитот.

Лимфна дренажа со масажа

Со овој начин се овозможува отстранување на лимфата а со тоа и на едемот и овозможува подобар проток на крв со тоа што ќе го зголемите метаболизмот во тие регии. Но на овој начин нема да се ослободите од масните депозити кои и се главната причина за целулитот.

Липомасажа

Оваа постапка претставува специјална масажа која го редистрибуира масното ткиво и й дава на кожата понежен изглед. Оваа метода најдобро е да се примени кај помлади жени и жени кои вежбаат зошто ако не вежбаат нема да имаат бенефит од ваков тип на третман.

Целулитни креми

Овие креми главно делуваат на затегнување и хидрирање на кожата со што го зголемуваат еластицитетот на истата. Зависно од состојките во кремата некои од нив и ја зголемуваат циркулацијата на местото каде е нанесена. Овие се користат најчесто како дополнителна терапија во борбата со целулитот.

Завиткување на телото со гумени обвивки 

Оваа метода се користи во салоните или спа центрите. Некои можат и да покријат поголема област а некои техники вклучуваат и употреба на креми и лосиони. Со ваков третман може да се измазни кожата и да се зголеми циркулацијата, а има и уште една позитивна страна а тоа е што ослободува од стрес кој е додатен фактор во формирање на целулитот. Но зголеменото потење кое настанува ќе ја елиминира само водата во тие регии и таа после лесно ќе се надополни со пијалоци и храна.

Липосукција

Ова е хируршка метода за отстранување на масното ткиво. Тоа е одличен и брз начин да се ослободите од него. Но третманот може и да не биде задоволувачки зошто овој тип на интервенција го елиминира само длабокото масно ткиво а не и поткожното.