Кажете му се' на вашиот гинеколог !

Секоја девојка која има наполнето 18 години треба да размислува за својот прв гинеколошки преглед. При првиот гениколошки преглед девојката пожелно е да си избере матичен гениколог, кај кој редовно ќе прави прегледи и кој подоцна ќе ја води бременоста.

Ова е добро бидејќи тој ќе ја знае историјата на вашето здравје. Има работи кои морате да му ги кажете на вашиот гинеколог, бидејќи за правилна дијагностика и превенција на полови болести и состојби, освен што е важна стручноста на гинекологот важна е и вашата интеракција со докторот, односно вашата искреност и отвореност, па така секогаш имајте ги на ум советите кои ќе ви ги презентираме подолу.

Симптоми

Доколку чувствувате некакви симптоми кои вообичаено не сте ги чувствувале, без разлика што тие не се алармантни, задолжително споменете му ги на вашиот гинеколог. Гинекологот ќе се интересира за типот и видот на симптомите и никако не премолчувајте ништо. Исто така известете го гинекологот доколку земате било какви лекови, па макар и чаеви, без разлика дали лековите се за гинеколошки проблем или не гинекологот ќе сака да знае за нив.

Фамилијарна анамнеза

Доколку во вашата фамилија се јавува болест кој може да биде наследна секогаш треба да му ја споменете на вашиот гинеколог, особено кога за тоа самиот ќе ве праша. Немора болеста да биде директно поврзана со половите органи, може да биде хипертензија, дијабет и разни тумори, особено на дојка и на матка. Доколку вакви состојби се имаат јавено на некој од вашето семејство, тоа споменете му го на вашиот гинеколог.

Планирање на семејство

Доколку планирате да имате принова во вашата фамилија, на гинеколошкиот преглед задолжително споменете му го тоа на гинекологот. Тој ќе ви помогне и ќе ви објасни како полесно да дојдете до забременување.

Сексуален живот

Гинекологот би сакал да знае дали имате редовни, повремени или ретки сексуални односи. Ова не треба да го криете од него за доброто на вашето здравје и за поставување на правилна дијагноза.

Менструален циклус

Задолжително на гинекологот објаснете му кога ви била последната менструација, колку траела, како вообичаено се јавува, дали била обилна… ова се важни информации кои морате да ги нагласите на вашиот гинеколог.

  • Било што на што се сомневате, веднаш прашајте го лекарот за совет 
  • Никогаш не мислете дека Вашето прашање е смешно или банално, подобро да прашате одколку тоа да го потиснувате во себе 
  • Никогаш не срамете се да му споменете било што и да го прашате било што гинекологот. Тој нема да се смее на вашето прашање, ниту пак ќе се подбива со вас, тој секогаш ќе се обиде на најлесен начин да ви објасни и да ви помогне во разрешување на било која ваша дилема.