Брусница – сојузник во борбата против болестите

Брусницата е вкусно овошје со потекло од Америка, но и намирница која што е многу корисна за здравјето. Поради тоа што содржи голем број на корисни материи кои што го штитат организмот од разни болести, ова овошје се повеќе го окупира вниманието на стручњаците.

Поточно, брусницата е со потекло од северноамериканскиот континент, но сега се одгледува во сите подрачја со умерено континентална клима. Растението кое што дава плод со горко-кисел вкус расте како зелена грмушка со висина до 25 см, се сади во пролет, додека плодот го дава два пати годишно.

Плодовите се богати со многу минерали, витамин А, витамин Ц и калиум.

Некои хранливи состојки на брусницата остануваат и во слаткото од брусница, сокот од брусница и сите други производи кои што се прават од ова растение, но најмногу корисни материи можат да се внесат ако се конзумира во свежа состојба или евентуално сушена без додатоци на шеќер и конзерванси.

Стручњаците преку бројните испитувања утврдиле дека брусницата е многу корисна при лечењето на уринарните инфекции. Исто така, познато е и нејзиното делотворно дејство при лечењето на простата.

Проантоцијанидните соединенија со кои што брусницата е особено богата делуваат со уништување на бактеријата ешерихија коли, со тоа што и оневозможуваат да се закачи на површинскиот слој на матката и бешиката.

На сличен начин, материите од брусницата делуваат во намалувањето на бројот на бактерии во усната празнина, а со тоа се намалуваат и наслагите од плак на забите.

Врз основа на резултатите од повеќе испитувања изведени во лабораториски услови, стручњаците тврдат дека проантоцијанидните соединенија имаат заштитна улога кога се во прашање сериозните заболувања како што е ракот.

Благодарение на способноста да ја блокира оксидацијата на некои липопротеини, брусницата го чува и заштитува срцето. Бидејќи процесот на оксидација на липопротеините е ризик фактор за срцев удар, неговото блокирање со конзумирање на брусницата може да се смета како превентивна мерка против болестите на срцето.

Исто така, брусницата е добар сојузник во превенцијата на создавање на камен во бубрег поради големата содржина на корисни кисели материи со кои што таа изобилува.