Симптоми на топлотен удар

Во текот на летото може да дојде до топлотен удар, иако пред тоа не сме свесни за опасноста. Особено на почетокот на летото, кога ни се чини дека се уште не е голема вруќина или во текот на летото кога сме преокупирани со некои активности, многу лесно може да се случи да се прегрееме и да бидеме изложени на топлотен удар.

Топлотниот удар е најсериозен облик на повреда поради излегување на сонце и висока температура, односно голема топлина и се смета како итен случај. Ако се сомневате дека некој има топлотен, односно сончаница  треба што побргу да се обратат на доктор или да повикаат итна помош.  Додека не стигне медицинска нега, на пациентот треба да му се пружи прва помош, бидејќи брзата реакција е најважна.

Топлотниот удар може да убие пациент или да му нанесе оштетување на мозокот и други внатрешни органи. Иако топлотниот удар главно ги погодува луѓето постари од 50 години, тоа се случува и кај здрави млади спортисти, а многу е опасен за деца.

На топлотниот удар обично му претходи чувство за вруќина, несвестица и топлотна исцрпеност. Топлотниот удар може да се случи иако пред тоа немало очигледни знаци за сончаница или дејство на топлина. Обично е последица на продолжено изложување на високи температури, најчесто во комбинација со дехидрација што доведува до „откажување“ на вродениот механизам (систем) за контрола на температура на телото.

Медицинска дефиниција на топлотен удар е температура на телото поголема од 40,5 степени Целзиусови, со компликации на нервниот систем кои се јавуваат по изложување на високи температури. Останати симптоми вклучуваат мачнина, грчеви, конвулзија, конфузија, дезориентација, а понекогаш и губење на свест или кома.

Симптоми на топлотен удар

Први симптоми на топлотен удар обично се внатрешна температура на телото од 40,5 степени Целзиусови, како и несвестица

Други симптоми може да бидат :

– забрзана работа на срцето

– главоболка

-вртоглавица

– чувствителност на очите на светлост

– недостаток на потење и покрај  вруќината

– црвенило

– сувост на кожата

– слабост во мускулите (малаксаност)

– грчеви

– мачнина

– повраќање

– чувство на губење воздух и отежнато дишење

– забрзано дишење

– промени во однесување, односно конфузија, дезориентација или напади на паника

– несвестица

Прва помош

Ако се сомневате дека некој има топлотен удар, веднаш повикајте  итна помош или транспортирајте го лицето во болница. Секое одложување на помошта може да биде фатално.

Додека чекате итна помош, пружете прва помош :

– тргнете го лицето во лад (климатизиран простор)

– лицето треба да го раскомотите

– дајте му на пациентот да пие што повеќе течности

– на лицето спуштете му ја температурата со замивање, ладење на челото, ладни облози или туширање

За ладење пробајте :

-ладење на пациентот со вода, навлажнување на кожата со крпа, сунѓер, па дури и со градинарско црево

– нанесете ладни облози на пациентот под пазувите и препоните, на вратот и грбот. Овие делови треба да се ладат затоа што тука има многу крвни садови, па така може да се намали температурата на телото.

– ставете го пациентот под туш или во када, во ладна вода или ледено купатило.

Ако го нема  докторот или колата на итна помош (ако каснат), барајте по телефон од службата за итна помош  совети и додатни упатства.